Градење на капацитетите, едуцирање и мобилизирање на младите лидери во Македонија ефективно да дејствуваат во борбата против климатските промени и поттикнувањето на одржливиот развој на локално ниво, е целта на седумдневниот камп за климатски промени, што од 9 до 15 август се одржува во Струга.
Кампот е во рамки на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведуван од Милиеуконтакт Македонија.
Координаторот на компонентата за „Зелена агенда“, Маја Марковска на денешното официјално почнување на кампот истакна дека кампот го продлабочува знаењето за климатските промени кај младите, а во исто време тие креираат и сопствени планови од знаењата што ги стекнале и ги споделуваат со своите врсници, семејствата и пријателите. Резултатите од минатогодишниот камп, нагласи дека веќе се гледаат.
- Минатогодишните учесници, освен што почнаа да им забрануваат на другарчињата да трошат вода во големи количини, неколку деца инсистираа дома да постават соларни панели - рече Марковска.
На иницијатива на децата од Виница, посочи дека реализирале проект за намалување на емисијата на јаглерод диоксид за енергетски-ефикасно училиште, со што училиштето во кое учат добило второ еко-знаме.
На кампот, како што појасни Марковска, ќе работат на развивање концепт и изнаоѓање на алатки со чија помош учесниците, како идни лидери, ќе го пренесат новооткриеното знаење и искуство на другите членови во нивните заедници и ќе помогнат во зголемување на јавната свест за начините на справување со климатските промени.
На вториот еко-камп во Струга учествуваат 27 ученици на возраст од 15 до 17 години од Прилеп, Кривогаштани, Пехчево, Делчево, Виница, Богданци, Теарце, Маврово Ростуша, Боговиње и Студеничани.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS