mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

ЕЛЕМ подготвен за втората фаза од ветерниот парк Богданци

ЕЛЕМ подготвен за втората фаза од ветерниот парк Богданци

Типографија

Ветерниот парк „Богданци“ е најисплатливата инвестиција досега, а компанијата веќе е подготвена за реализација на втората фаза од проектот.

Ова го смета генералниот директор на ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски.

  • Од самиот почеток на работата на Ветерниот парк „Богданци“ прогнозираното производство  на електрична енергија е надминато за 25 проценти. Резултатите кои се постигнати ги сметаме како извонредно добри и успешни и придонесуваат позитивно во тековната ликвидност на компанијата. Тоа ни дава надеж за реализација на втората фаза, но и за имплементација на слични проекти во околината на Богданци и на други територии во Македонија - вели Мицкоски.

Тој нагласи дека ветерните паркови не се трудоинтензивни, односно целата постапка на производство на електрична енергија е автоматизирана и не е потребно ангажирање на значајна работна сила, но се брзо исплатливи и оти се добри за портфолиото на фирмата.

  • Ветерниот парк „Богданци“ има естимирана вредност на инсталирана моќност од 50-тина мегавати кои кога би работеле во оптимални услови би давале околу 100-тина  гигават часови електрична енергија што е еквивалент на годишна потрошувачка за 60-тина илјади граѓани за сопствени потреби - посочува Мицкоски.

Проектот Ветерен парк „Богданци“, додаде, е поделен во два дела. Првиот, кој е веќе инсталиран, е составен од 16 турбини со инсталирана моќност од 2,3 мегавати или вкупно 36,8 мегавати. За докомплетирање остануваат уште 13,8 мегавати или поставување на уште 6 турбини со моќност од 2,3 мегавати.

Првата фаза е инвестиција во вредност од 55,5 милиони  евра од кои 47,9 милиони се обезбедени од кредит од германската КфВ банка, а останатиот дел се сопствени средства на АД ЕЛЕМ. За втората фаза е неопходна инвестиција од 24 милиони евра од кои 18 милиони евра кредит, а останатите од сопствени средства на АД ЕЛЕМ.

  • Целата административна и логистичка поддршка за втората фаза на проектот Ветерен парк „Богданци“ е завршена, обезбедено е финасирањето, но за реализација неопходно е задолжување за кое е потребна разрешница на политичката ситуација - вели Мицкоски.

Како што информира директорот за развој и инвестиции на АД ЕЛЕМ, Александар Пауноски, за втората фаза од Ветерниот парк „Богданци“ Електрани на Македонија има изработено економска анализа, донесено инвестициска одлука за продолжување на проектот, упатено барање за задолжување до Министерството за финасии, а извршена е и мисија  од КфВ банката.

  • Очекуваме наскоро да се комплетира инвестициско-техничкиот дел и да се започне со реализација на втората фаза - изјави Пауноски.

Тој нагласува дека се инсталирани мерни станици за ветер и оти се извршени сите неопходни мерења и на дополнителни локации од другата страна на Вардар, во непосредна близина на Ветерниот парк „Богданци“, во атарите на селата Миравци и Давидово, каде, како што рече, постои потенцијал за уште 100-тина мегавати.

  • Претходно овие локации беа ограничени од инфраструктурата, а со изградбата на автопатот Демир Капија - Смоквица се отвора можност за реализација на овие дополнителни фази. За нив сме во преговори со голем број на меѓународни финасиски институции и очекуваме грантови со чија помош понатаму би ги реализирале физибилити студиите и ветерните паркови - рече Пауноски и додаде дека и на овие локации очекуваат исти резултати како кај Ветерниот парк „Богданци“.

Тој посочи дека Ветерниот парк „Богданци“ има надежност од 30 отсто, односно работи во 30 отсто од деновите во текот на една година што е подобро од европскиот просек што се движи околу 25 отсто.

Просечната брзина на ветерот во Ветерниот парк „Богданци“ е 7,1 метар во секунда. Во 2014 година е реализирано производство од 41.553 мегават часови електрична енергија, а биле планирани 33.048 мегавати што е за 25,74 отсто повеќе од планираното. Во 2015 година се реализирани 120.768, наместо планираните 95.544 мегават часови или има натфрлање за 26,4 отсто, а во 2016 година произведени се 109.458, а биле планирани 103.848 мегават часови, односно за 5,43 отсто повеќе од планираните.

Во првите три месеци од годинава производството на електрична енергија во Ветерниот парк „Богданци“ изнесува 28.066 мегават часови или за 14,87 отсто повеќе од планираните 24.432 мегават часови.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS