Рударскиот комплекс во Казандол се очекува да ја заврши градбата до крајот на годинава и да почне со производство. Досега се завршени 30 проценти од изградбата, а опремата која ќе се инсталира е најсовремена од финската компанија Аутотек. Процесот на производство е еколошки безбеден без штетни емисии во атмосферата, подземните и површинските води.
Пред референдумот кој треба да се одржи утре во Гевгелија, а на кој граѓаните треба да го дадат својот глас дали се за или против изградбата на рудникот, сопствениците даваат позитивни сигнали од неговата изградба.
- Во август минатата година кога беше означен почетокот на реализацијата на проектот. Почнавме веднаш со изградба на сите објекти и воедно продолживме и со сите активности поврзани со еколошката безбедност, заштитни мерки предвидени во нашиот проект и социјална активност меѓу населението во Валандово, рече Генадиј Сичов, потпретседател на Копер Инвестмен, додавајќи дека во процесот на изградба се почитуваат сите еколошки стандарди вградени во Студијата за оценка на влијанието врз животната средина.
Тој истакнува дека законската регулатива на Македонија е доста строга по прашањата за заштита на животната средина и оти се испочитувани сите прописи, но независно од тоа што е спроведено направена е и дополнителна независна еколошка ревизија од страна на финската компанија ПОИРИ која даде позитивен заклучок за проектот.
Бошко Сибиновски, директор на Сардич МЦ инвеститор на комплексот во Казандол појаснува дека ќе се користи технологија на познатата финска компанија АУТОТЕК која се применува во три фабрики во Финска и во уште 30 во светот. Тој истакнува дека станува збор за комплекс од кој нема емисии во животната средина.
- Нема топење руда, туку се работи за безбеден затворен еколошки процес без емисии надвор. Нема испуштање на индустриски води. Во нашиот комплекс производниот процес е технолошки поврзан во циркулација на растворите кои ги добиваме со лужење на рудата. Лужењето е процес во кој се врши оросување на руда која е првично дробена, значи немаме прашина. Рудата се оросува со многу слаб раствор на сулфурна киселина по систем капка по капка со што се спречува испарување и се добива бакар сулфат од 0,15 проценти како конечен продукт во хидролошки објекти, а тоа е синиот камен, којшто во земјоделството се користи како еколошки пестицид познат како бордовска чорба. И од тој раствор на бакар сулфат ги добиваме бакарните катоди со помош на електролиза. Растворот циркулира постојано. Имаме своја пречистителна станица во која се прочистуваат отпадни води од човечка употреба од административната зграда кои ги насочуваме во циклусот на производство - потенцира Сибиновски.
Додаваат дека разликата од технологијата што се користела во старите рударски комплекси е што таму се користи ткн. пирометалургија која вклучува топилници и процес во кој има киселинско испарување.
Во врска со иницијативите за спроведување референцум, вели дека не е запознат со таа законска материја, но уверува дека Рударскиот комплекс Казандол воопшто нема да предизвикува никакво загрозување на животната средина.
Сибиновски посочува дека како потврда дека компанијата вложува во заштита на животната средина и здравјето на луѓето говорат и бројките.
- За заштита на животната средина и здравјето на луѓето проектиравме повеќе од 10 проценти од вредноста на целата инвестиција, притоа се предвидени 2,5 милиони евра при изградба и функционирање на комплексот и дополнителни 1,2 милиони евра за реализација на проектот за рекултивација на просторот по завршување на експлоатацијата - вели Сибиновски.
После експлоатација, велат, ќе добиеме зелена зона на која ќе се изврши рекултивација, на која ќе остане земја, а не јаловина, земја која нема да има еден елемент од претходната состојба, тоа е бакарот. И оти местото може да се користи како излетничко.