mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Се гради дел од гасоводот Неготино-Прилеп-Битола

Се гради дел од гасоводот Неготино-Прилеп-Битола

Типографија

Во Тројачката котлина, во близина на Прилеп почна изградбата на дел од магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола.

Гасоводот, чија првична изградба почна во јануари годинава, ќе биде со должина од 92 километри и ќе чини 36 милиони евра.

Крсте Миладинов, извршниот директор на Македонски енергетски ресурси (МЕР), компанија која е задолжена од Владата на Македонија за изградба на националниот гасоводен систем, истакна дека досега во земјава се изградени дополнителни 115 километри нова гасоводна мрежа.

  • Од почетокот на годинава, освен овие 115 километри почна изградбата на дополнителни 205 километри гасоводна мрежа. Тоа значи дека со завршување на четирите магистрални делници ќе имаме покриеност преку 70 отсто од потрошувачката на природниот гас - вели Миладинов и додаде дека во количини тоа би било околу 900 милиони метри кубни гас.

Тој најави дека со подобрувањето на временските услови во периодот кој следува ќе почне и поинтензивна изградба на гасоводите.

Градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески потенцираше дека изградбата на гасоводот е историски и капитален проект за Прилеп од кој огромен бенефит ќе имаат сите граѓани. 

  • Изградбата на гасоводот треба да заврши во 2019 година. А во втората половина од 2018 година се очекува да помине покрај Прилеп. Гасификацијата за градот ќе значи многу за подобрувањето на квалитетот на живот на сите граѓани, намалување на трошоците за енергенси, подобрување на економијата во градот, заштита на животната средина, а со изградбата на овој гасовод и експресниот пат преку Плетвар ќе се зголеми и конкурентноста за привлекување домашни и странски инвеститори не само на Прилеп туку и за целиот Пелагониски регион - вели Ристески.

Од Регионалната стопанска комора на Прилеп ја поздравуваат изградбата на гасоводот и сметаат дека ќе имаат значајни заштеди со доаѓањето на гасот во градот.

  • Гасот е неопходен за стопанството на општината од повеќе аспекти, а пред се од аспект на заштеда на потрошувачката на горива, а воедно и од аспект и висока еколошка заштита на околината. Колкави ќе бидат заштедите за нас ќе зависи од тоа колкава ќе биде цената по метар кубен на гасот. Досега беше варијабилна, но со тек на време и приклучувањето на Македонија не само на гасот од Русија, туку и со приклучување на гасоводите преку Грција од Блискиот Исток можностите за намалување на цената на гасот се реални, што фактички со тој чин економските ефекти може да бидат и подобри од очекувањата - рече Симон Наумоски, претседател на бордот на директори на „Витаминка“.

Со клириншкиот долг од СССР веќе се изгради гасоводот Клечовце-Штип, во должина од 61 километар, инвестиција во вредност од 60 милиони долари. Во напредна фаза е градбата на делот од гасоводот од Штип-Неготино, во должина од 36 километри. За магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар се расчистени околу 15 километри од трасата и се праваа подготвителните работи, а на почетокот на годинава стратуваше изградбата на  магистралниот гасовод Неготино-Прилеп-Битола. Наскоро ќе почне и изградбата на дистрибутивниот систем до граѓаните.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS