На крајот на мај се очекува во Македонија да почне процес на рециклирање на отпадно стакло.
Технолошката линија за рециклирање на стаклен отпад ќе ја инсталира компанијата Акрон, а проектот е финансиран од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на програмата за комерцијализација на иновации.
Директорот на компанијата „Акрон“ Александар Пенев вели дека основната функција е да го третираат отпадното стакло што во Македонија сега никој не го прави.
Со технологијата, како што вели тој, ќе му се обезбеди одредена додадена вредност со што би се зголемила економската исплатливост. Крајниот резултат ќе биде прочистен стаклен гранулат, стручно наречен калет.
Од целокупниот проект, освен економски резултати, се очекува и значителен придонес кон зачувувње на животната средина.
Се проценува дека вредноста на проектот ќе изнесува 150 илјади евра, а од компанијата имаат веќе потврда за нарачка на прочистен стаклен отпад за целокупните количини кои ќе успеат да ги обработат.
За почетокот очекуваат да добијат количини стаклен отпад пред тој да заврши на депонии како Дрисла и планират соработка со фирмите кои се конфекционери на рамно стакло, како и со комунални претпријатија задолжени за транспорт на отпадот.
Технолошката линија за рециклирање на отпадното стакло ќе биде лоцирана во кругот на поранешна Стакларница - Скопје.
Во Фондот за иновации и технолошки развој тече четвртиот повик, кој е отворен до 3 мај 2017 година. За финансирање проекти под овој повик за инструментот кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“ обезбеден е вкупен износ од 450 илјади евра, односно 27.762.345 денари, наменети за 15 старт-ап или спин-оф претпријатија, додека за Инструментот за кофинансирани грантови и условени заеми за комерцијализација на иновации обезбеден е вкупен износ од 1.000.000.000 евра, односно 61.694.100 денари, наменети за 10 претпријатија.