Разгледување на сите можни опции за формирање берза на енергија во земјава, е целта на работилницата на тема „Воспоставување на организиран пазар на електрична енергија во Република Македонија“ што се одржа во Скопје во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и ТЕМА Консалтинг Груп.
Работилницата, која се одржува во рамки на проектот „Техничка помош за воспоставување институционална рамка за национална/регионална берза на електрична енергија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка ја отвори министерот за економија Дритон Кучи кој порача дека темата е од суштинско значење за развојот на енергетскиот сектор во државата и додаде дека од работилницата треба да произлезат најдобрите можни решенија за националниот енергетски пазар и пазарите во земјите на Југоисточна Европа.
- Еден од приоритетите на Владата е интегрирање на енергетскиот сектор на Република Македонија во регионалните и европскиот пазар на електрична енергија и природен гас со изградба на нови конекции и со усогласување на законодавството со постојната правна регулатива на Европската унија за енергија, животна средина и конкуренција. Берзата за енергија претставува современа јавна платформа, преку која се овозможува тргување со енергија, односно платформа за понуда и побарувачка на енергија. Нејзината главна цел е транспарентна купопродажба на енергија, поголема конкурентност на пазарот, при што се овозможува локалните и регионалните компании на ефикасен начин да тргуваат со електричната енергија, преку утврдување на доверлив и транспарентен индекс на цена на електричната енергија - рече Кучи.
Според министерот за економија, континуираните реформски чекори во енергетиката произлегуваат или се дел од пошироките политики и иницијативи, како што се Договорот за основање на Енергетска заедница, Иницијативата за Западен Балкан 6, согласно која Република Македонија пристапи кон потпишувањето на Меморандумот за разбирање на 6-те земји од Западен Балкан за развој на регионалниот пазар на електрична енергија и воспоставување рамка за идна соработка, како и Меморандумот за разбирање на земјите од Западен Балкан за спојување на пазарите.
Тој информираше дека во досегашната пракса, Македонија има воспоставено билатерални договори за купопродажба на електричната енергија, со кои се договараат потребните количини, прецизно дефинирани, согласно потребите и производите на учесниците на пазарот.