mksqen

Одбележан Светскиот ден на водите

Одбележан Светскиот ден на водите

Типографија

Водите можеме да ги заштитиме само ако ги користиме на одржлив начин и посветиме посебно внимание на ризиците поврзани со нивното загадување и нерационално користење.

Ова го порача заменик министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски на одбележувањето на Светскиот ден на водите.

  • Заштитата на водите е од јавен интерес и секоја активност која предизвикува загадување на водите и нарушување на нивниот баланс, што може да има негативни последици врз нивниот квалитет и одржливо користење, мора да се смета за активност спротивна на јавниот интерес - рече Темелковски.

Според него, со носењето на Законот за утврдување на цените на водните услуги и претстојното носење на Правилникот и Методологијата за утврдување на тарифите за водните услуги, во Република Македонија се воведува економска регулација на цените на водните услуги чија главна цел е подобрување на квалитетот на водните услуги, но истовремено заголемување на ефикасноста и заштитата на водните ресурси.

  • Избраниот модел на економска регулација на цените на водните услуги наложува креирање и спроведување на оправдана трошковна политика и мерки од страна на давателите на водните услуги, минимизирајќи ги притоа било кои субјективни, па и политички влијанија, кои не се во согласност со начелата на економска регулација и одржливо користење на водите - истакна темелковски.

Тој упати порака до претставниците на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија да се заложат за непречено спроведување на овие законски решенија и на тој начин да овозможат услови за постепена, но ефекетивна финансиска и организациска консолидација на овој сектор.

Раководителот на одделот за оперативни работи при Делегацијата на ЕУ Мауро Ди Вероли како поддржувачи на реформите во Секторот води во Македонија порача дека цените за одржлив развој ги потврдуваат напорите за подобрување на квалитетот на водата, како и нејзиното одржливо користење и заштита на животната средина.

  • Оваа година се фокусиравме на отпадните води и со тоа сакаме да се сконцентрираме на тема што е порелевантна за вашата земја и за вашите луѓе. Целта која што ние учесниците во секторот Води сакаме да ја промовираме да се воведат реформи во водниот сектор, а паралелно да се подобри инфраструктурата за третман на отпадни води и нејзиното испуштање во водите со задоволителен стандард - истакна Ди Вероли.

Тој информираше дека во Секторот за води во Македонија обезбедиле 15 милиони евра за подобрување на управувањето со водите и за подобрување на инфраструктурата. Односно дека тие поддржале четири главни компоненти. Со првата ја поддржуваат Владата за транспонирање на европските директиви во рамки на Националната правна рамка, потоа подготовка на техничка документација за потребната инфраструктура за водниот циклус, во третата обезбедуваат средства за инвестиции, а исто така и градење капацитети на локално и централно ниво за оние што се одговорни за обезбедување на водните услуги.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија Димитер Петров рече дека една од мерките за постигнување на ефикасно управување со водите е преку воспоставување на регулација во водниот сектор.

  • Потребата од воведување на економска регулација се јавува поради постоењето на природни монополи чие настанување е поврзано со ексклузивното право кое државата го доделува на претпријатијата да обавуваат определени дејности - појасни Петров.

Според него постоењето на природните монополи е пример на домен на пазарен неуспех и оттука се јавува потребата од регулација на овие пазари каде не постои пазарна конкуренција. Тој појасни дека со донесувањето на Законот за утврдување на цени на водни услуги и Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, тие како Регулаторната комисија ја добиле надлежноста за регулирање на прашањата поврзани со утврдување на цените на водните услуги.

Согласно методите за регулација, според претседателот на Комисијата, тарифите и крајните цени треба да овозможат покривање на оправданите трошоци на работењето на давателите на услугите - како оперативни, така и капитални и да овозможат соодветно ниво на принос на овие претпријатија. Тој информира дека првите тарифи за водните услуги утврдени од страна на РКЕ, Заводот за водостопанствата и давателите на водните услуги на подрачја поголеми од 10.000 жители ќе започнат да се применуваат од 1 јануари 2018 година.

Според извештајот на УНИЦЕФ објавен по повод Светскиот ден на водата, околу 600 милиони, или едно од четири деца во светот до 2040 година ќе живеат во подрачја со екстремно ограничени водни ресурси. Тој покажува дека 36 земји во моментов се соочуваат со екстремно висок недостиг на вода, кој настапува кога побарувачката е далеку над достапното обновливо количество. Повисоките температури, порастот на нивото на морињата, големите поплави, сушите и топењето на мразот влијаат врз квалитетот и достапноста на водата, како и врз водоводните системи. Во извештајот е наведено дека порастот на населението, зголемувањето на потрошувачката и поголемата побарувачка на вода, што во голема мера се должат на индустријализацијата и урбанизацијата, ги исцрпуваат водните ресурси низ светот. Исто така, конфликтите во многу делови од светот го загрозуваат пристапот на децата до безбедна вода.

Податоците покажуваат и дека 663 милиони луѓе во светот немаат пристап до соодветни извори на вода, а 946 милиони луѓе практикуваат дефекација на отворено, дека над 800 деца на возраст до пет години секојдневно умираат од дијареја поврзана со неадекватна вода и хигиена, а жените и девојките во светот трошат 200 милиони часови собирајќи вода секој ден.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија