Искористувањето на обновливите извори на енергија и инвестирање во развој на патната инфраструктура за ефективно поврзување со источниот и јужниот сосед се главните аспекти на претприемачите и менаџерите на малите и средни компании од струмичкиот регион.
Струмичките бизнисмени ги изнесоа приоритетите на нивните компании на средба што ја организираше Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Целта на средбата е унапредување на бизнис климата и создавање подобри услови за работа на локалните компании и беше разговарано за тековните, актуелни проблеми и предизвици со кои се соочуваат компаниите од струмичкиот регион.
- Досега одржавме средби со претприемачи од сите пет региони во земјава и заклучокот од средбите е дека компаниите од секој регион се соочуваат со типични проблеми и пречки за понатамошен развој. Соодветно на тоа се создадени и приоритетите врз кои заедно со нашите партнери, компаниите ќе ја градиме понатамошната стратегија за создавање поволна бизнис клима - вели Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Според Бошков, предлог политиките кои ги направила Конфедерацијата се одлична основа и одредница што, според него, ќе користи во понатамошната работа во надградување на концептите за одговорно водење бизнис, поттикнување одржливост на економијата и долгорочен развој на компаниите.
Со цел надминување на проблемите со кои се соочуваат компаниите, Бизнис Конфедерација на Македонија изработи платформа од предлог политики и стратегии базирани на најпроблематичните точки во работата на деловните субјекти. Владеење на правото, Пристап до финансии, Претприемачка култура, Лојална конкуренција и Овозможувачка правна и регулаторна средина се насловите на овие платформи.
Создавањето на предлог политиките, како и организацијата на настанот се поддржани од проектот „Унапредување на социјалниот дијалог“, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Бизнис Конфедерација на Македонија спроведе и одржа серија вакви средби и промотивни настани во повеќе градови и региони од државата, во кои беа вклучени голем број сопственици, претприемачи и менаџери.