Центарот за истражување и информирање за животна „Еко-свест“ од Скопје во Битола го презентираше извештајот од извршеното истражување за загадувањето со тешки метали и радиоактивноста предизвикани од РЕК Битола спроведено преку примероци од почва, мов и пепел од подрачјето околу РЕК Битола.
Според Трајче Стафилов, професор на Природно математичкиот факултет при УКИМ-Скопје, прелиминарните резултати покажуваат дека почвите не се многу изложени на загадување од високи содржини тешки метали освен во регионот или непосредната околина на РЕК Битола, но оти е забележливо загадувањето на воздухот.
- Резултатите покажаа дека во околината на РЕК Битола и во еден поголем простор до градот Битола има изложеност на цврсти честички задржани од мововите кои што имаат зголемана концентрација, споредена со други региони во Македонија. Регистрирани се елементи од тешки метали како што се арсен, кадмиум, бакар, хром, никел и цинк. Тоа е заради тоа што во самата пепел депонирана во РЕК Битола концентрацијата на овие тешки метали е повисока, а тоа пак значи иникација каде се дисперзираат тие честички кои се депонираат на отворено, а потоа пепелта се разнесува со струењата на ветерот. Тоа што загрижува, не е само релативно зголеменета концентрација туку зголемената радиоактивност на оваа пепел - посочи професорот Стафилов.
Професорот Стафилов нагласи дека радиоактивноста на пепелта и присуството на радиоизотопи е за три до пет пати поголема од таа во почвите и во таков случај неопходно потребно е да се преземат мерки за спречување на дисперизија на тие честички.
- Мерките за спречување на дисперзија се познати и ние препорачуваме да се врши покривање на местото каде се депонира пепелта или да се спречи разнесувањето на прашината во воздухот и околината на Битола бидејќи честичките се внесуваат во организмот на секој човек. Според Правилникот за радиоактивен отпад на Република Македонија индексот на радијација е блиску до оној што е максимално дозволен - посочува Стафилов.