По потпишувањето на договорот со комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани, кој ќе ја снабдува општината Чешиново-Облешево со вода за пиење, почнаа градежните активности за изградба на водоводна мрежа во Облешево.
- Средствата за реализација на овој проект се обезбедени преку Министерството за финансии како под заем во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги (MSIP). Средствата кои општината ќе ги вложи за овој проект се 19.814.506 денари - истакна градоначалникот Костадин Личков.
Со средствата од Проектот, како што рече, ќе биде изграден главниот крак на водоводната мрежа во должина од 3.204,28 метри со сите потребни придружни објекти, водоводни шахти и хидрантски приклучоци кој се протега од приклучната шахта кај село Долни Подлог, ќе минува низ село Облешево, па се до приклучната шахта кај село Чифлик од каде преку веќе изградениот систем за водоснабдување вода за пиење треба да добиваат и жителите на село Чифлик и село Чешиново.
Тој истакна дека водата за пиење ќе се обезбеди преку водоснабдителниот систем на Кочани, која претходно е третирана во постојната фабрика за водовод Кочани, за кое беше склучен договор со општина Кочани и Комуналното претпријатие „Водовод“ од Кочани.
Со реализација на овој проект граѓаните од Чешиново-Облешево ќе добијат чиста вода за пиење, хемиски и бактериолошки исправна.