Сувото време без врнежи од дожд изминатата седмица овозможи одлични услови за земјоделски работи на отворено, кроење на лозата и овошките, пред се на праската, како и подготовка на површините за градинарско производство.
- Сувото време ја дехидрира почвата во површинскиот слој со што постепено се овозможува влегување со механизација во нивите и изведување на првата прихрана на есенските посеви со азотни минерални ѓубриња, кое треба да се изврши во овој период од развојот - велат од УХМР.
Според Управата, влажниот бран што ќе ја зафати Македонија во текот на викендот кратко ќе ги прекине овие активности, но стабилното и суво време во текот на наредната недела земјоделците мораат да го искористат за активностите кои се актуелни во овој период од годината.
- Со пролетното кроење, делумно се санираат оштетувањата кај виновата лоза. Температурите на воздухот во утринските часови од минус 2 до минус 3 степени воопшто не им пречат на културите, напротив ги одржуваат во состојба на мирување, што е сепак добро, ако се земе предвид дека зимата се уште трае, додека дневните температури од 15 до 16 степени не се сериозна закана за почнување на вегетацијата - додаваат од УХМР.