mksqen

Почнаа подготовките за изградба на пречистителна станица во Тетовско

Почнаа подготовките за изградба на пречистителна станица во Тетовско

Типографија

Изградба на пречистителна станица кај селото Фалише и 30 километри нова канализациска мрежа за Тетово и околината предвидува проектот „Изградба и реконструкција на колекторски и канализациски системи и изградба на пречистителна станица за отпадни води за агломерација Тетово“.

Како што беше речено на јавната расправа во Тетово, проектот е вреден околу 28 милиони евра од кои 22 милиона се обезбедени од ЕУ фондовите. Изработката на документацијата привршува, тендерската процедура за набавка треба да почне пролетва, а теренските активности и изградбата се планирани за почетокот на следната година.

Според заменик-раководителот на проектот при Министертсвото за животна средина и просторно планирање Дирк Фицке, со новата пречистителна станица треба да се овозможи заштита на површинските води од реките во Тетовско, пред се на Вардар, а со тоа подобрување на здравјето на луѓето, но и можности за економски развој.

  • Сега, во агломерацијата и во околината на градот и селата живеат околу 100 илјади жители. Сите отпадни води од домаќинствата и од индустријата се испуштаат нетретирани во Вардар. Со изградба на пречистителната станица над 95 отсто од водите во градот Тетово и селата од околината ќе се третираат - изјави Фицке.

Квалитетот на водите од површинските текови постојано се следи од вработените во Центарот за јавно здравје Тетово.

  • Вардар на влезот во поранешната општина Тетово е некаде меѓу прва и втора категорија додека на излезот знае да биде и трета и четврта категорија. Самата разлика во категоризацијата покажува дека имаме одредена деградација на квалитетот на површинските води а тоа влијае на флората и фауната. Главни загадувачи на реката Вардар се нетретираните фекални води - рече Ратко Давидоски од Центарот за јавно здравје Тетово.

Пречистителната станица во Тетово е дел од проектот што ги опфаќа сличните работи и за Битола и Струмица при што од вкупната врредност од околу 63 милиони евра ЕУ учествува со околу 50 милиони евра.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија