Јавното претпријатие „Камена Река“ од Македонска Каменица од идниот месец ќе почне со дигитализација на водомерите по домаќинствата што треба да донесе и порационално користење на водата од граѓаните.
Ова го изјави Влатко Димитровски, технички директор на ЈП „Камена Река“ при што потенцираше дека досега водата се наплаќала паушално.
- Ова ќе значи рационално користење на водата, досега беше паушално наплаќање и тоа се наплаќаше по пет кубика вода од член на домаќинство во колективните згради, а по шест кубика од член во индивидуалните објкети за домување. Ние веруваме дека со дигитализацијата на водомерите ќе се зголеми рационалното користење и залихите на вода ќе бидат поголеми, а со тоа ќе се превенира опасноста од недостиг на вода - рече Димитровски.
Тој додаде дека досега со модул за дигитален читач на водомерите се снабдени сите угостителски објекти, но и фирми, а со подобрување на временските услови ќе започне инсталацијата на дигиталните водомери и по домаќинствата. Цената на водата во Македонска Каменица е 23 денари од кубик.
За потребите од нова механизација на ЈП, општината и оваа година од буџетот издвоила пет милиони денари.
Градоначалникот Дарко Митевски потенцираше дека оваа тенденција на Општина Македонска Каменица е со цел да се подобри функционирањето на Општината, да се подобри организираноста на Јавното претпријатие и сите услуги кои тие ги даваат да бидат со пониска цена на чиење.
- Планираме да набавиме нова машина за прочистување на селските патишта од снег, некоја форма на грејдер, исто така и помала машина која им е потребна за уредување на сите површини во општината, а предвидовме и средства за модернизирање на старите водомери - рече Митевски.
Во текот на минатата година со средства од општината, ЈП има набавено ровокопач, метачка за собирање смет и машина за расфрлање песок.