Ќе се интензивираат состаноците за надминување на проблемот со спречениот транспорт на нафта од Грција кон Македонија поради блокадата на македонско-грчката граница кај Евзони од страна на грчките земјоделци, најави министерот за економија Дритон Кучи.
- Блокадата е внатрешен проблем на Грција и се надевам дека што поскоро ќе се реши. Како надлежен орган правиме напори да им олесниме на сите што патуваат кон Грција, а не само на транспортерите - вели Кучи.
За тврдењето на ОКТА дека е можна нафтена криза во земјава доколку наскоро не поминат цистерните со нафта од Грција во Македонија, министерот Кучи рече дека ќе спречат било каква криза.
- Секако ќе спречиме да дојде до било каква криза. Од Секторт за енергетика ми укажаа дека веќе треба да се справиме со можната нафтена криза и затоа веќе ги интензивираме состаноците за надминување на проблемот - рече Кучи.
Тој нагласи дека контактираат со грчките органи и додаде дека и тие не знаат до кога ќе трае блокадата на границата и протестите на земјоделците.
- Сакам да се надмине проблемот, бидејќи ја загрозува економската ситуација во земјава. Имаме комуникација со грчките органи, но сепак станува збор за интерен проблем - потенцира Кучи.