mksqen
18
Чет, Апр
0 Нови / 7 дена

УСАИД и десет македонски општини ќе се борат против климатските промени

УСАИД и десет македонски општини ќе се борат против климатските промени

Типографија

Проектот вреден 2,8 милиони долари, кој изминатите четири години го реализираше УСАИД во соработка со десет македонски општини стигна до крајот.

Нов резервоар за вода во Богданци, реновирани резервоари за вода во Пехчево и Студеничани, нова атмосферска канализација во Делчево, реконструкција на старите градски извори во Прилеп, енергетски ефикасни градинки, училишта, јавни згради и улично освелтување во Богданци, Пехчево, Маврово и Кривогаштани се само дел од реализациите во рамките на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени. Партнери на проектот на УСАИД беа општините Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово Ростуше, Боговиње, Студеничани, Виница, Прилеп и Делчево.

Проектот беше презентиран на Третата меѓународна конференција за климатски промени која го означува и неговиот завршеток.

Климатските промени се резултат на атмосферските модификации причинети од страна на хемиските трансформации под влијание на гасот со ефект на стаклена градина. Ова го истакна ректорот на ФОН Универзитетот Нано Ружин.

  • Ефектот на стаклена градина е присутен во атмосферата на планетата илјадници години. Меѓутоа ефектот на стаклена градина создадена со гасовите, оневозможува температурата од земјата да се ослободува кон атмосферата - појасни Ружин и рече дека токму модернизацијата, транспортот, индистријата  се најголеми виновници за ефектот стаклена градина.

Според него од климатските промени како што се сушите, поплавите, торнадата последици ќе се чувствуваат и врз здравјето на луѓето, како што се респираторни болести, рак на кожата, мозочни удари. Одредени последици од климатските промени, рече Ружин, ќе трпи и земјоделството.

Националниот координатор за климатски промени при Министерството за животна средина и просторно планирање Теодора Грнчаровска Обрадовиќ информираше дека Македонија од 1998 година зема учество во глобалните напори за ублажување на климатските промени, реализирајќи ги своите обврски во согласност и со својот кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ.

Таа појасни дека Македонија го даде својот национален придонес кон глобалните напори за намалување на климатските промени и го потпиша Договорот од Париз кој е во предратификациска постапка.

Директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн во своето обраќање рече дека Проектот за општинските стратегии за климатски промени имплементираше пилот проекти во општините низ Македонија со што се помогна во инвестирањето во нивниот одржлив развој.

  • Овие проекти помогнаа за намалување на ризиците од поплави, превенирање свлечишта, олеснување на пристапот кон чиста и безбедна вода за пиење, зголемување на инвестирањето во енергетска ефикасност, намалување на јаглеродниот отпечаток и подобрување со водните ресурси - истакна Стејн.

Во текот на Конференцијата во наредниве два дена ќе бидат објавени резултатите од примената на партиципативниот метод  „Зелена агенда“ за развојот на десет локални општински стратегии за климатски промени, како и ќе се промовира неговата примена во регионот.

На конференцијата учествуваат повеќе од 150 учесници, вклучувајќи домашни и меѓународни експерти, носители на одлуки, граѓански организации од земјата и регионот, научници и практичари од областа на адаптацијата и ублажувањето на климатските промени, експерти за одржлив развој и претставници од приватниот сектор.

Мисијата на УСАИД е пристуна во Македонија од 1993 година и оттогаш има инвестирано над 613 милиони долари во стотици проекти. Приоритет на мисијата е подобрување на квалитетот на живот и транзицијата на Македонија кон стабилна и просперитетна демократија, создавање на работни места и намалување на корупцијата.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија