Еко-свест алармира дека во услови кога има енормно загадување на воздухот во повеќе градови низ Македонија, ЕЛЕМ најавува четири нови термоелектрани на јаглен.
Овие термоелектрани значително ќе придонесат кон аерозагадувањето во делови од земјата кои во моментов не се оптоварени со загадување од термоелектрани.
Имено, во фаза на изработка се неколку студии за нови термоелектрани кои би користеле увозен висококалоричен јаглен. Дополнително на ова, ЕЛЕМ во изминатиот период без учество на јавноста одржа јавна расправа за студијата за оцена на влијанието врз животната средина од модернизацијата на ТЕЦ Осломеј за која исто така е предвидено да работи на увозен висококалоричен јаглен. Во период кога веќе се работи на модернизација на термоелектраната, значително подобар и почист избор е нејзиното функционирање на природен гас, наместо алтернативата со висококалоричен јаглен која има значително поголеми емисии, а со тоа и здравствени ефекти, информираат од Еко-свест.
Од таму додаваат дека увозот на висококалоричен јаглен придонесува кон речиси целосна енергетска зависност на државата, земајќи предвид дека Македонија веќе ги увезува другите фосилни горива. Со ваквата насока на истражувањата во енергетиката, наместо да се бара начин да се зголеми енергетската безбедност преку диверзификација на изворите на енергија и искористување на можностите кои ги нудат локално достапната сончева и ветерна енергија и подобрувањето на енергетската ефикасност, плановите и финансиите се насочуваат кон согорување на фосилни горива за кои Македонија треба да се задолжи за да изгради капацитети кои само ќе ја продолжат енергетската зависност и несигурност на земјата, додаваат од Еко-свест.
- Инвестирањето во нови капацитети за согорување на фосилни горива претставува погрешен избор бидејќи наместо да се вложува во чисти технологии кои ќе придонесат за искористување на изворите на енергија кои ни се достапни речиси бесплатно, како што е сонцето, ќе се инвестира во транспортирање и согорување на високо калоричен јаглен кој, освен што ќе не направи целосно увозно зависни, значително ќе го зголеми загадувањето на воздухот во регионите каде се предвидени новите термоелектрани на јаглен и ќе го влоши здравјето на граѓаните кои веќе се жртви на енормното аерозагадување - вели Невена Смилевска, програмски координатор за клима во Еко-свест.
Граѓанските организации веќе подолго време препорачуваат разгледување на нови опции за развој на електроенергетскиот систем на Македонија кои би обезбедиле поголема сигурност во снабдувањето и би придонесле кон намалување на енормното аерозагадување со кое граѓаните на Македонија се приморани да живеат.
- Сметаме дека наместо истражувања за искористување на увозен јаглен треба да се прават истражувања за искористување на обновливите потенцијали, особено потенцијалите за сончева и ветерна енергија - додаваат од Еко-свест.