Југохром ќе почне со отпуштање на дел од вработените идниот месец ако Државниот инспекторат за животна средина повторно донесе одлука за забрана на неговото работење поради интегрираната А дозвола.
Како што вели директорот Васил Скендеровски, газдата на Југохром има јасни намери - да вложи во систем за отпрашување, но смета дека државата треба да обезбеди рамноправни услови на пазарот за сите комбинати.
- Кога веќе бара системско решение, државата треба да обезбеди и услови за работа особено ако се земе предвид дека еколошката дозвола подразбира комплетна изградба на нови погони - истакна Скендеровски во Стопанската комора, алудирајќи на проблемот со сопственоста на земјиштето.
Според него, Инспекторатот нема ист статус кон сите расположливи производствени капацитети во Тетово и околината, а не биле издржани и обвинувањата дека Југохром е најголемата причина за загадувањето на градот.
- Најодговорно тврдам дека загадувањето на Тетово воопшто не се намали и покрај неработењето на комбинатот - потенцира директорот.
Скендровски посочува дека за состојбата има решение. Едното од нив е државата да обезбеди банкарски гаранции и да му овозможи на Југохром да земе кредит за еколошкиот систем.
Забраната за работа на Југохром истекува утре, а беше во рок на траење од 90 дена. Директорот Скендеровски ифнормира дека изминатите три месеци успеал да ги задржи вработените, но ситуацијата веќе станува алармантна.
- Ако во нормални услови произведувавме околу 70 илјади тони феро-никел годишно, сега бројката е сведена на 30 илјади тони или на 40 отсто помалку од расположливиот капацитет - рече Скендеровски.
Во меѓувреме, синдикатот на Југохром најави дека во знак на протест поради исклучувањето на печките, утре од 11 до 13 часот ќе го блокира автопатот Тетово-Скопје кај наплатната рампа Желино.