Мрзнење кај виновите лози има, тоа се движи од триесетина, па се до околу сто проценти, зависно од сортите и локациите на кои се наоѓаат лозовите насади.
- Завршија согледувањата на терен. Мрзнењето е најголемо кај понеотпорните сорти на грозје како десертните „кардинал” и „афусали” и винските „вранец” и „смедеревка”, кои се наоѓаат во низините и покрај реките Црна и Луда Мара - појаснува Драганчо Николов, советник во работната единица на Агенцијата за поттикнување на развојот во земјоделството од Кавадарци.
Тој соопшти дека веќе почнале со советувања за лозарите, околу тоа како да ја обавуваат резидбата во услови на мрзнење кај виновите лози.
- Кај подебелите прачки мрзнењето е поголемо. Затоа им препорачуваме на производителите на грозје да внимаваат и да оставаат потенки прачки за ластари. Догодина ќе нема последици од ова мрзнење, освен во лозјата каде измрзнувањето е стопроцентно. Таму ќе треба да се формира ново стебло - додава Николов.