mksqen
22
Нед, Дек
0 Нови / 7 дена

Еко Свест: да се ревидираат хидроенергетските планови

Еко Свест: да се ревидираат хидроенергетските планови

Типографија

Неопходно е итно ревидирање на плановите за хидроенергетскиот развој на национално ниво и нивно усогласување со документите изработени во прилог на дефинирање на разновидноста, конзервациското значење и валоризација на природните вредности во Македонија, порачуваат од организацијата Еко Свест.

Ова здружение, кое беше дел од иницијативата да се запре изградбата на хидроцентралата Бошков Мост, се огласи откако Европската банка за обнова и развој објави дека се откажува од финансирањето на проектот затоа што тој може да ги загрози природните вредности на Националниот парк Маврово.

Владата на Република Македонија, истакнуваат од Еко Свест, смета дека планирање и имплементација на хидроенергетски проекти на територија на национален парк е остварливо и оправдано како клучно за хидроенергетскиот развој во земјата, што според нив е недозволив став.

  • По повеќе од пет години битка, ЕБОР ги откажа финансиите наменети за Бошков Мост. Екологистите „војуваа“ со аргументи и успеаја. ЕБОР ја откажа финансиската поддршка за Бошков Мост 13 месеци откако Светската Банка ги откажа финансиите за Луково Поле, втората поголема хидроцентрала во Националниот парк Маврово. Изградбата на хидроелектраната Бошков Мост беше планирана во еден од најстарите и најбогати, во однос на биолошката разновидност, национални паркови во Европа. Со причина, Маврово е признаено како клучно подрачје за биолошката разновидност и клучно подрачје за зачувување на крупните цицачи во Европа, меѓу кои е и критично загрозениот Балкански рис, чија популација брои помалку од 40 возрасни единки во дивина - потенцираат од Еко Свест.

Покрај иницијално изнесената загриженост од страна на националните и меѓународните организации за зачувување на природата, во ноември 2011 година Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги одобри финансиите за Бошков Мост, додаваат од организацијата. Притоа, како што велат, постапката за Оценка на влијанието врз животната средина се уште не беше официјално завршена. Веднаш по одобрувањето на кредитот за Бошков Мост тие поднесоа жалба, која банката ја усвои. Во 2015, објаснуваат од организацијата, Управниот суд со одлука потврдил дека Министерството за животна средина доделило лиценца за одобрување на проектот во 2012 година, врз основа на несоодветна и нецелосна оценка на влијание врз животната средина, а со тоа ги прекршило постоечките национални закони за животната средина.Во меѓувреме, Светската банка се уште размислувала за поддршка на проектот Луково Поле. Во почетокот на 2013 година, еколошките организации поднесоа претставка до Секретаријатот на Бернската конвенција, тврдејќи дека ако Владата на Република Македонија продолжи со плановите за имплементација на хидроенергетските проекти во НП Маврово, ќе ги прекрши принципите на оваа меѓународна конвенција. Во 2015 година, Постојаниот комитет на Бернската конвенција препорача да се замрзнат сите владини хидроенергетски проекти на територијата на НП Маврово, се додека претходно не се направи Стратегиска оценка на влијанието врз животната средина која ќе го процени кумулативното влијание на сите планирани инфраструктурни проекти во Паркот.

  • Сега кога и Постојаниот Комитет на Бернската конвенција инсистира на спроведување на СОВЖС постапка, се надеваме дека реалните закани по однос на природноста на Паркот ќе бидат конечно изложени. Овде не станува збор само за Маврово и неговите природни вредности. Ако планирање и реализација на големи инфраструктурни проекти е дозволиво во национални паркови, тогаш што останува за подрачја со пониска категорија на заштита, или подрачја кои немаат статус на заштита а поседуваат исклучителни природни вредности? Заштитата на природата во Македонија треба да се сфати многу посериозно отколку што е случај во моментов, вели Методија Велевски од Македонско еколошко друштво. Во моментов, Владата на Република Македонија ја суспендира имплементацијата на проекти финансирани од меѓународни финансиски институции вклучувајќи го и проектот „Бошков Мост - нагласуваат од Еко Свест.

Сепак, додаваат тие, имплементацијата на проектите финансирани од страна на приватни инвеститори продолжува. Две хидроелектрани се веќе изградени и две се во изградба. Постапката за изградба на уште четири хидроелектрани е во тек, концесиите се издадени, а елаборатите за влијанието врз животната средина се одобрени, што значи дека изградбата може да започне во секое време. Во студиите недостасува детален опис на состојбата на живеалиштата и видовите како и преглед на нивната ранливост. Сите 4 хидроенергетски проекти на територија на НП Маврово, чија имплементација е отпочната во 2016, се предмет на жалби на национално ниво.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS