Подружницата на „Македонски шуми“ во Кавадарци објави повик за склучување договори за обезбедување огревно дрво и техничка дрвна маса.
За дрва за огрев може да аплицираат синдикати во претпријатија, здруженија на пензионери и физички лица од Кавадарци, Росоман и евентуално Неготино, а за техничка дрвна маса пилани од цела Македонија.
- Физичките лица може да ги плаќаат дрвата за огрев во готово или на шест рати. За социјално ранливите категории на граѓани постои можност за плаќање на осум и повеќе рати, добиваат попуст од 10 проценти доколку платат во готово, а и за едните и за другите трошоците за транспорт на огревното дрво се на товар на Јавното претпријатие „Македонски шуми” - појаснува директорот Слободан Климовски.
Склучувањето договори за обезбедување дрва за огрев на рати ќе почне од први февруари. Испораката ќе биде по плаќањето на последната рата.
Климовски нагласи дека минатата година била рекордна во производството на огревни дрва во подружницата „Бор”, имајќи ги во предвид последните дваесет години. Биле произведени околу 25 илјади кубни метри бука и даб за греење.
- Годинава планот е приближно идентичен како и лани. Тука се и околу 22 илјади кубни метри техничка дрвна маса, за која може да аплицираат пиланите, а за која договорите се склучуваат во дирекцијата на „Македонски шуми” во Скопје. Ние сме најголема подружница по производство на дрвна маса воопшто и на техничка дрвна маса во цел систем на претпријатието - вели Климовски.
Повикот за склучување договори трае до 31 март оваа година.