Снегот е добредојден за есенските посеви, поволно влијае врз влажноста на почвата и ги заштитува од измрзнување, но, како што велат од Здружението на земјоделци од Куманово, штета предизвикаа ниските температури, кај овошките и лозовите насади.
- Од крајот на завршувањето на есенската сеидба до јануари имаше долг период на суша во Кумановско, немаше врнежи, па затоа снегот е поволен за есенските посеви - вели претседателот на здружението Момчило Трајковски.
Во Кумановско се посеани над 80 отсто од планираните површини. Според Подрачната единица на Министерството за земјоделство, во општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане за есенска сеидба беа предвидени 21.150 хектари од кои 11 илјади со пченица, 6.850 со јачмен, 300 со рж и 1.250 со фуражни култури.
Под овошје, пак, се 80 хектари. Од здружението информираат дека се уште нема проценка колкави се штетите од ниските температури и дека допрва ќе се утврдуваат.
- Кај овошките има одредени штети. Пријавуваат оние кои одгледуваат, но проценката ќе покаже колкави се - нагласи Трајковски.
Во здружението се регистрирани околу три илјади земјоделци од општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS