Жителите на туристичката населба „Лагадин“ на источниот брег на Охридското Езеро преку неформалната граѓанска асоцијација „Охрид СОС“ испратија претставка до надлежните институции по повод изградбата на хотел, за кој тврдат дека се гради со незаконско одобрение за градба.
Во претставката испратена до директорот на Државниот инспекторат за животна средина Јасин Грбле и до претседателот на Инспекцискиот совет на РМ Влатко Илиевски се истакнува дека при издавањето на оспоруваната дозвола за градење никаде не е објавена никаква процедура или постапка која довела до негово издавање, туку напротив е спроведена спротивно на Законот за води, Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион, Законот за животна средина, Законот за заштита на природата.
Поради наведеното од надлежните инстутиции се бара прекинување на градежните активности на терен, иницирање процес за поништување на незаконски издаденото одобрение за градба на хотел.
- Дополнително, поради континуираното работење на Општина Охрид во целосна спротивност на Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион што резултираше со одлуката од 40-тата седница на УНЕСКО во Истанбул, бараме ДИЖС да постапи во согласност со член 41 од Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион и да ја одземе надлежноста за управување со светското наследство во охридскиот регион од Општина Охрид - стои во образложението од „Охрид СОС“.
Општинските власти од своја страна тврдат дека објектот кај Лагадин се гради во согласност со одлука на Советот на општина Охрид донесена на 14 октомври минатата година, а со добиена согласност од Министерството за транспорт и врски, позитивни мислења од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и мислење без забелешки од Националниот парк „Галичица“.
- За предметниот објект е издадено уредно одобрение за градба и е во целост испочитувана постапката предвидена со Законот за градење. Се работи за градба со приземје и три ката, хотел со 11 апартмани и шест соби со вкупно 34 легла и со обезбеден сопствен паркинг-простор - соопшти неодамна Лилјана Јоноска од Секторот за урбанизам при Локалната самоуправа на Општина Охрид.
Притоа таа истакна дека во постапката се добиени мислења и согласности од НУ „Завод и музеј - Охрид“, водостопанска согласност издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески по повод настанатата ситуација ги повика сите субјекти кои се искрено загрижени за состојбата со заштитата на Охридското Езеро на разговор во Локалната самоуправа, со забелешка дека дискусијата треба да се води на професионаен и стручен начин, со изнесување аргументи и вклучување на експертски мислења.
Истовремено тој најави дека претставници на УНЕСКО во текот на следниот месец на покана на Владата на РМ ќе дојдат во нашата земја со цел да направат комплетен увид на точките што на Конференцијата одржана на крајот на минатата година во Истанбул биле забележани како можност за спроведување на одредени препораки. Според него, тоа е најдобриот начин да се согледа моменталната ситуација и да се расчистат сите шпекулации што години наназад провејуваат во јавноста, а по пат на различни канали стигнале до организацијата на УНЕСКО.
Активистите на „Охрид СОС“ кои покренаа и електронска петиција за заштита на Охридското Езеро од своја страна бараат од Општина Охрид самата да ги сопре градежните работи додека не се разрешат спорните прашања, да овозможи увид во документацијата и процес на јавна консултација.
- Исто така ја повикуваме Општина Охрид наместо непотребно да се конфронтира со граѓаните и да демонстрира однос на авторитаристички сопственик на нивните права, да се стави во фунција на заштита на интересите на сите, па и на идните генерации, да стане предводник во заштитата на езерото и светски пример за тоа како се управува и негува ова бесценето природно богатство - порачуваат тие.