Во рекреативната зона Отошница во општина Ранковце во браната на Отошничка Река беа пуштени 102 килограми крап.
Порибувањето го изврши здружението Спортско-рекреативен клуб „Мрена“ од Крива Паланка, согласно годинашната Програма за порибување на концесионерскиот реон Крива Река 1 со кој стопанисува шест години.
- Браната Отошница е порибена со 102 килограми крап, согласно договорот кој здружението го има со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Порибувањето го вршиме втора година по ред, со донација од локалната самоуправа на Општина Крива Паланка и две компании кои стопанисуваат со мини хидроелектраните на Крива Река, сите придонесувајќи за збогатување на рибниот фонд на овој реон - информираше Александар Рангелов, претседател на „Мрена“.
Истакна дека порибувањето ќе го зголеми интересот на рибарите од регионот и соседство кои редовно доаѓаат на риболов во овој реон.
- Рибата е набавена од овластен репроцентар „Акватик“ од Неготино. „Отошничка брана“ покрај со крап изобилува со пастрмка, порибена во 2010 година. Во браната има и клен и попадика - додаде Рангелов.
„Мрена“ од Крива Паланка е едно од најстарите здруженија за спортско-рекреативен риболов во државата, формирано во 1954 година.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS