И покрај приговорот што безмалку сите Лагадинци го потпишаа против урбанизација на крајбрежјето и непланско менување на ДУП-от, односно по ново, Општиот акт за селото Лагадин, и покрај сите препораки и предупредувања на УНЕСКО и на Mинистерството за животна средина и просторно планирање, и покрај масовно потпишаната петиција, општината Охрид сепак продолжува по свое, реагира граѓанската иницијатива Охрид СОС на новиот детален урбанистички план за Лагадин.
Оттаму додаваат дека промените се поддржани од холандскиот тур-оператор ТУИ, кој, како што велат, во светот пропагира заштита на природата и екологија, а во Македонија изградба на хотел во инаку заштитен појас.
Вчера истече крајниот рок за поднесување жалби против изградба на хотел во Лагадин, но како што велат од иницијативата, жителите на Лагадин, поточно нивните приговори, жалби и барања се постојано игнорирани од локалните власти.
- Згора на тоа, постапката е очигледно веќе започната, непосредно до самото крајбрежје и појасот на трската која поради своите екосистемски вредности е со закон заштитена зона. Зошто за овој градежен план не е изработена Стратегиска оцена на влијанието врз животната средина пропишана со закон? Со овој чин Секторот на урбанизам при Општина Охрид уште еднаш ја покажа својата нетранспарентност и корумпирана активност во полза на поедини интереси што е казниво според закон. Сето ова ништење на природата не е само на сметка на месното население и граѓаните на Охрид, туку воопшто на сметка на целата држава затоа што загубите на непроценливото природно наследство ќе бидат трајни. Да не заборавиме, штетите од големи размери, еднаш нанесени, не можат никако и никогаш да бидат надоместени - порачуваат од Охрид СОС.