Загревањето од домаќинствата во Скопје и Скопскиот регион, го загадува воздухот со 32 проценти, односно за 12 отсто повеќе од сообраќајот, покажуваат податоците изработени од Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина по барање на Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Ова се резултатите што беа објавени на презентацијата на „Планот за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух на подрачјето на Скопскиот регион“.
Прашината, според податоците, создадена од неуредените површини, уличната прашина и прашината од градежните активности е трет по ред загадувач со 19 отсто.
Следуваат индустријата со 18 проценти, сулфат соли седум отсто, нитратни соли два процента и исто толку прекуграничен пренос на загадувачки супстанции.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски нагласи дека градот покрај подготовката на планови за подобрување на воздухот презема и конкретни мерки за намалување на неговото загадувањето.
Тој потсети дека градските улици се прскаат со средството калциум магнезиум ацетат за контрола и намалување на ситната прашина, дека е воведен посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје и се упатуваат да ја користат обиколницата, бесплатен автобуски превоз за повозрасните граѓани, за средношколците и за други граѓани.
- Со помош на Владата набавивме повеќе од 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, воведовме Автоматизиран систем за управување на сообраќајот (ЦУКС), градиме и реконструираме велосипедски патеки како дел од проектот „Скопје велоград 2017“ и ги поттикнуваме граѓаните што помасовно да го користат велосипедот како превозно средство - вели Трајановски.
Информира дека е почната постапка за набавка на 50 нови електроавтобуси кои имаат цел да го намалат загадувањето на воздухот од јавниот превоз.
На презентацијата беа предложени повеќе мерки меѓу кои користење на соодветни средства за огрев, користење на јавниот превоз како и спроведување на обврската на индустриите да извадат А или Б интегрирани еколошки дозволи односно преку одобрување на елаборатите за животната средина.
Никола Јовановски од секторот за животна средина на Град Скопје, рече дека за спроведувањето на мерките кои се предложени се потребни повеќе години па и децении, според искуствата на повеќе метрополи кои се справувале со загадувањето и го решиле тој проблем.