Помалку дозволи за собирање на шумски плодови во четирите општини од Тиквешијата издадоа годинава подружниците на „Македонски шуми“ од Кавадарци и Демир Капија, во споредба со минатите години.
Како што информираат од кавадаречката подружница „Бор“ причината лежи во априлскиот мраз поради кој измрзнаа голем дел од боровинките и другите шумски плодови.
- Годинава издадовме само десет, наспроти бројката од 130 до 150 дозволи во текот на минатите години. Дозволи обезбедија само најупорните, оние кои сепак одлучија да ги приберат плодовите од шумските растенија кои куртулиле од мразот - велат од кавадаречката подружница „Бор“.
И од демиркаписката подружница потврдуваат дека помалиот број на дозволи за собирање на шумски плодови оваа година, се должи на мразот од месец април.
Една годишна дозвола чинеше 400 денари.