Заврши санацијата на патот во општината Конче што беше оштетен од минатогодишните поплави.
Обновата на патот во должина од 6,5 километри, кој ги поврзува селата Долно Липовиќ, Горно Липовиќ и Ракитец со општината, чинеше околу 188.000 евра, целосно обезбедени во рамките на Програмата на ЕУ за санација на штетите од поплавите.
- Секојдневното поминување по патот, особено во месеците кои изобилуваат со дождови претставуваше голем проблем и голема опасност за жителите. Задоволни сме што градежните работи завршија во предвидениот рок кој за наша среќа се совпаѓа со периодот пред почеток на есенските поројни дождови. Конкретно, овој пат претходно не беше реконструиран речиси 50 години. Досега немаше никаква интервенција за негово проширување или посериозна санација - вели градоначалникот Благој Јованов.
Проектот за реконструкција на патиштата во Конче е еден од осумте проекти финансирани со средства од Европската унија во рамки на неколку милионската Програма на ЕУ за санација на штетите од поплавите кои се случија во 2015 година.
Сите проекти ги спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Секретаријатот за европски прашања, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и локалните самоуправи на засегнатите општини.