mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Во сабота манифестација Кривопаланечка еко-храна

Во сабота манифестација Кривопаланечка еко-храна

Типографија

Традиционални кривопаланечки специјалитети, еко-храна, органски производи од поднебјето на кривопаланечкиот крај и осоговието, ќе бидат презентирани на манифестацијата „Кривопаланечка еко храна“, што ќе се одржи во сабота (19 ноември)  во Крива Паланка.

На изложбени штандови што ќе бидат поставени на плоштадот своите кулинарски вештини за подготовка на разни еко-специјалитети и рецепти кои од колено на колено се пренесуваат во традиционалната кујна од овој регион ќе ги покажат угостители,  домаќинки, пензионерки и гости од регионот.

Манифестацијата има натпреварувачки карактер, а жири - комисија  ќе ги оценува подготовките во три категории и тоа најдобар вкус, декорација и автентичност.

Предвидени се парични награди за трите најуспешни во сите категории, а дополнително, по претходно распишан конкурс за ликовни творби, ќе бидат наградени и трите најдобри цртежи од изложените на градскито плоштад.

Програмата предвидува учество на деца од градинката „Детелинка“, кои ќе подготват изработки од компир, а учениците од угостителската паралелка од средното училиште Ѓорче Петров, исто така, ќе приготват специјалитети. Културно –уметничката програма ќе ја збогати настапот на Нино Величковски и на фолклорните друштва „8 Октомври“, „Карпош“ и „Фолклористи“.

Автентичноста на настанот ќе ја надополни декоративниот штанд со етно-мотиви на националната установа Центар за култура Крива Паланка, а предвидено е и дефиле со презентација на стари носии од Кривопаланечко.

На посебен хуманитарен штанд ќе бидат презентирани дел од специјалитетите кои ќе може да се купат, без одредена цена, како донаторски прилог за лица од семејства во социјален ризик кои ќе ги добијат собраните средства во координација со општинската организација на  Црвен крст, Крива Паланка.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS