Постудено време и помалку врнежи во ноември и температури повисоки од просечните во декември, прогнозира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за последните два месеца од годинава.
- Според УМХР во првата седмица од месец ноември ќе има благо потпросечни среднодневни температури и потпросечни количини на врнежи. Слаби врнежи во овие денови се очекуваат во четврток во ноќните часови и во петок претпладне, особено во северните и западните делови од Македонија. Најтопло ќе биде во четврток со дневна максимална температура од 14 до 21 степен, а во петок ќе има пад на температурата за неколку степени - соопштуваат од УХМР.
За време на викендот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, а температурата повторно ќе биде во благ пораст.
Од 7 до 10 ноември, се очекуваат релативно високи температури, повисоки од просечните за 1 до 3 степени, а врнежите ќе бидат над просекот, особено во западните делови. Времето ќе биде пооблачно со почести врнежи од дожд со променлив интензитет. Поради јужно воздушно струење и прилив на топол и влажен воздух од југ ќе има дестабилизација на атмосферата па во овие денови можна е и појава на грмежи. Во петок и деновите за викендот (11-13 ноември) се очекува стабилизација со значителен пад на дневната температура.
Од 14 до 20 ноември следува период со просечни врнежи и со температури кои ќе имаат благо позитивно отстапување во однос на просекот. Во следната декада од месецот се предвидува потопло време со средни температури за 1 до 3 степени над просечните и со врнежи кои ќе бидат во границите на просекот, информираат од УХМР.
Се предвидува дека месецот ќе биде потопол од досегашниот многугодишен просек, а врнежите нема да отстапуваат од многугодишниот просек.
Согласно изработената долгорочна прогноза за месец декември за целата територија на земјата, треба да очекуваме повисока температура од просечната, но сепак позитивното отстапување нема да биде многу големо, од 1 до 2 степени во западна и југозападна Македонија, а во централна, источна и југоисточна Македонија можно е отстапувањето да достигне и до 3 степени.
Сите модели за долгорочна прогноза предвидуваат дека количината на врнежи за месец декември треба да биде во рамките на просекот, се наведува во информацијата од УХМР.
Ноември постуден, а декември потопол од просекот
Типографија
- Font Size
- Default
- Режим читање