mksqen
19
Пет, Апр
0 Нови / 7 дена

Планинари ја откриваат Киселичка Пештера кај Делчево

Планинари ја откриваат Киселичка Пештера кај Делчево

Типографија

Десетина планинари од планинарското друштво „Голак“ од Делчево ја откриваа Киселичка Пештера, која се наоѓа на два километри од Делчево во близина на селото Киселица.

Претстедателот на „Голак“ Љупчо Чучуковски вели дека оваа пештера претставува природен раритет во делчевско и една од најинтересните пештери во овој регион.

  • Нашата цел беше да ја посетиме пештерата, да видиме во каква состојба се наоѓа ова природно богатство. Влезот во Киселичката Пештера се наоѓа во самата карпа и потребно е внимателно искачување по карпата висока околу 5-6 метри. Од влезот, кој е релативно широк околу 1,5 метри, се минува релативно лесно, а овој канал се проширува во пештерска сала со пречник од 3-4 метри. Во крајните делови на салата продолжуваат уште 3 канали. Најширокиот води кон исток покрај мала кружна галерија и на крајот завршува со тесна, речиси непроодна пукнатина. Останатите два канали се тесни процепи во кои без проблем може да се влезе само 2-3 метри. Интересно е што кај речиси сите канали има силна циркулација на воздух што упатува на можна поврзаност со „долниот влез“ на Киселичка Пештера, рече Чучуковски.

Тој додаде дека оваа карпа претставува вистинска атракција која не е доволно истражена.

  • Интересна е за сите љубители на природата, таа е сува пештера, но во крајниот дел има и вода, како и сталактити, а карпите имаат една убава зелена боја. Но, морам од ова место да ги повикам надлежните од општината и сите љубители на природата да придонесат за подостапноста на пештерата, да се уреди пристапноста на патеката и да се обележи, бидејќи, верувам дека нема љубител на природата кој не би сакал да го види со свои очи ова природно богатство, рече Чучуковски.

Освен Киселичката Пештера југоисточно од Делчево кај селото Град има уште една пештера долга околу 25 метри, а е позната под името Коњска Дупка, која се смета за најисточна пештера во нашата држава. Во Делчевско има уште една пештера, позната како Очипалска Пештера.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS
Пријавете се преку нашата бесплатна е-мејл претплата на услуги за да добивате известувања кога ќе има нови информации.

Најпопуларни вести во категорија Македонија