АД Електрани на Македонија продолжува со подготвителните активности поврзани со проектот „Модернизација на ТЕЦ Осломеј“. Во рамките на законските процедури, компанијата во соработка со Министерството за животната средина и просторно планирање организираа јавна расправа во Кичево на која се разгледуваше Студијата за оценка и влијанието на проектот врз животната средина.
Студијата е изработена од тим на експерти од различни области и во неа се вметнати сите аспекти на животната средина и социо-економските аспекти, при што во детали се опишани мерките кои ќе бидат превземени, се со цел да се избегнат или намалат негативните влијанија, а во исто време и да се подобрат влијанијата врз животната средина.
Минатата година изработена е Фисибилити студија за модернизација на термоелектричната централа преку користење на увозен јаглен со висока калорична вредност, а разгледана е и опцијата за користење на нискокалоричниот јаглен од локалните лежишта околу Осломеј. Со реализација на овој проект се добива солидно балансиран домашен производствен капацитет со прифатлива цена на електрична енергија, независна од негативните и турбулентни движења на акциите и промените во светскиот енергетски пазар и се продолжува животниот век на ТЕЦ Осломеј за дополнителни 30 години. Се зголемува и ефикасноста на блокот и се намалуваат емисиите на сулфурни оксиди, азотни оксиди и прашина согласно дозволените емисии во Европската Унија. Модернизацијата предвидува замена на стариот парен котел со нов, дизајниран за согорување на јаглен со поголема калорична вредност и со потрошувачка од приближно 350 илјади тони годишно, автоматизација на блокот и ревитализација на генераторот, третман на отпадните води и инсталација на нова опрема за намалување на емисиите на издувни гасови во согласност со важечките европски директиви.
Според Даме Димитровски, експерт за оценка на влијанието на проектите врз животната средина, проектот ќе има долгорочно позитивно влијание и сигурно и квалитетно снабдување на потрошувачите со електрична енергија.
- Ќе се намалат потребите од увоз на струја и ќе се придонесе кон зачувување на енергетската стабилност. Долгорочни и позитивни ќе бидат влијанијата, особено на локалното население од општина Кичево, кое во голем процент е работно ангажирано во ТЕЦ Осломеј “. Оценето е и дека избраните постројки и процеси значително ќе го намалат нивото на испуштени гасови во воздухот во однос на постојната состојба и ќе ги доведат количините на емисии во согласност со дозволените количини од Директивата на ЕУ“- додава Димитровски.
Студијата беше ставена и на јавен увид на интернет страницата на Министерството за животна средина и просторно планирање.Вкупната инвестиција за ревитализација на ТЕЦ Осломеј согласно Фисибилити студијата е проценета на 126 милиони евра.