Македонски енергетски ресурси -МЕР АД Скопје и грчкиот систем оператор за пренос на гас ДЕСФА во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за изградба на интерконективниот вод за пренос на природен гас Штип-Неа Месемврија со вкупна должина од околу 160 километри.
Гасоводот, како што истакна директорот на МЕР, Крсте Миладинов ќе биде со дијаметар од 700 милиметри, работен притисок од 54 до 65 бари и со годишен преносен капацитет од преку една милијарда метри кубни природен гас.
- Соработката што на почетокот на годинава ја започнавме со компанијата ДЕСФА резултира со потпишувањето на Меморандумот за изградба на интерконективен вод за пренос на природен гас со кој треба да се поврзат националните гасоводни системи. Изградбата на овој енергетски објект ќе обезбеди снабдување со дополонителни количини на природен гас кои ќе бидат неопходни во наредниот период, но ќе значи и можност за користење гас од повеќе извори и повеќе глобални проекти како рускиот гас и природниот гас од Азербејџан, но најважно е што ќе претставува директно поврзување со постоечкиот терминал за преземање на втечнет гас Реветуза - вели Миладинов.
Тој нагласува дека интерконективниот вод ќе значи и можност за поврзување на македонскиот гасовод со популарниот мега проект ТАП и турски ТЕК , како и со други коридори за пренос на природен гас кои имаат можност да поминуваат во близина на нашето опкружување.
- Со тоа ќе се обезбеди снабдување на гас од повеќе извори, а значајно за економијата е тоа што ќе се овозможи развој и користење нов директен или индиректен енергент и можност за намалување на увозната цена на природниот гас преку користење на поголеми количини и достапност на природен гас од повеќе производители и снабдувачи - вели Миладинов.
Според него од ДЕСФА добиле и конкретен предлог за обука на вработените од МЕР во Интернационалниот центар за обуки што го поседува грчката компанија.
Тоа, пак, истакна Миладинов отвора можност за работа на нови заеднички проекти и ги потврдува заложбите за добрососедски односи помеѓу двете држави.
Директорот на грчкиот оператор за пренос на природен гас Сотириос Никас посочи дека енергијата е мост што спојува луѓе и земји.
- Енергијата некогаш ги зближува луѓето, а некогаш создава конфликти, но токму и поради енергијата конфликтите се решаваат преку ноќ и разликите се оставаат настрана. Верувам дека таков ќе биде случајот и со нас и дека овој енергетски мост што го воспоставуваме ќе ни помогне да ги искористиме бенефитите - вели Никас.
Максималниот капацитет на интерконективниот вод ќе биде 2,5 милијарди метри кубни гас што ќе значи сигурност во снабдувањето и реализација на сите проекти согласно стратегиите за развој на енергетиката и енергетскиот сектор во Македонија, а за крајните потрошувачи поевтини и поконкуренти цени на еколошкото гориво, нагласи Делев.