mksqen
23
Пон, Дек
0 Нови / 7 дена

Источна Македонија ќе има повеќе заштитени подрачја

Источна Македонија ќе има повеќе заштитени подрачја

Типографија

Градоначалниците на општините од Источниот регион  ќе помогнат во изведување специфичната кампања за придобивките од прогласување заштитени подрачја.

Целта на кампањата е подигање на свеста кај луѓето за потребата од заштитени подрачја во овој регион. Таа пред се е наменета за јавноста, а слоганот на кампањата е „Утре е денес“.

  • Ако ја погледнете Македонија ќе видите дека заштитени подрачја има на многу места низ државата, но овој регион има премалку заштитени подрачја, а е прекрасен за да можат да се заштитат. Ги повикавме градоначалнииците за да ни дадат совет како да ја спроведеме кампањата и да ни бидат партнери во неа бидејќи сметаме дека е важно сите заедно да учествуваме во насока на зачувување на природата - вели Јане Стефанов, креатор на комуникациска стратегија.

Тој информира дека во тек е завршната година од спроведувањето на првата фаза од Програмата за зачувување на природата. Планирана е и втора фаза, која треба да почне од јануари 2017 година со времетраење повторно од четири години.

Во текот на реализацијата на првата фаза од програмата беа спроведени научни истражувања на биолошката и пределската разновидност во регионот и беа добиени голем број резултати и податоци кои недостасуваа за овој дел од републиката. Сега има добра база со предлози за заштита на одредени природни вредности во регионот кој што би требало да се операционализираат и да бидат ставени во функција во наредната фаза.

  • Целта на програмата е да и помогне на државата, посебно на Источниот плански регион во остварување на користењето на природните ресурси на еден одржлив начин и со оваа специфична кампања тоа што сакаме да го постигнеме како програма е да покажеме дека заштитата на природата, на животната средина и зачувувањето и прогласувањето на заштитените подрачја ќе има бенефит врз локалното население, а никако стопирање на локалниот економски развој - вели Марјана Шушлевска, национален тим лидер на програмата.

Преку оваа програма општината Зрновци веќе го има реализирано проектот за заштита на платановите стебла во село Мородвис.

  • Се работи за заштитени седум платанови стебла за кои староста е проценета на повеќе од 500 години. Придобивките од овој проект ќе дојдат до израз со тоа што овој простор околу платановите стебла е разубавен, а со заштитата ќе се заштити и векот на платановите стебла - нагласува Блаже Станков, градоначалник на општина Зрновци.
    Според него, за сето ова потребна е поддршка од локалните и националните власти, од бизнис секторот, невладините организации и од луѓето кои живеат во овој регион.

Проектот е подржан од Швајцарската агенција за развој и соработка.

BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS