Општината Тетово во соработка со невладината организација „Еко свест“ и Германската амбасада во земјава во Тетово ќе постават Еко-три билборд.
Наместо да се засадуваат дрвја ќе се поставува вертикална инсталација од мов, која ќе го прочистува воздухот.
„Сити три“ или „Градско дрво“ е инсталација од мов со висина од четири метри, широчина три метри и длабочина од 60 сантиметри. Билбордот ќе се постави во близина на Центарот за култура. Според тетовската градоначалничка Теута Арифи, Тетово и Скопје се првите општини во земјата каде е најголемата потребата од вакви билборди.
Последниве три години на иницијатива од општината Тетово засадени се близу 2.500 дрвја и растителни култури, бројка која до крај на оваа година се очекува да достигне до три илјади. Растителниот филтер „Сити три“ кој ќе се постави во централниот дел на Тетово претставува вертикална структура на мовови кои собираат прав и имаат способност да неутрализираат 240 тони карбон диоксид годишно. Со други зборови оваа зелена инсталација го неутрализира загадувањето од близу 417 моторни возила на годишно ниво, а има исти ефект како 275 дрвја.
- Општина Тетово постојано ги поддржуваше и ќе продолжи да ги поддржува иницијативите и проектите од оваа природа кои без сомнение претставуваат конкретен чекор за борба против загадувањето на воздухот - вели Арифи.
Таа додава дека климатските промени се прашање кое не засега сите нас.
- Секој има право на чист воздух. Ова е предизвик за нас и на модерното општество. Стратегијата на Министерството за надворешни работи на Германија е токму заштитата на животната средина. Да го зачуваме чистиот воздух за нас и нашите деца е наша главна цел - вели амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузен.
Ана Чоловиќ од „Еко свест“ порача дека е во интерес на граѓаните да се обезбеди доволно чист воздух за дишење.
- Индустријализацијата на градовите не треба да биде на сметка на зелените површини и ова е еден модерен начин за заштита на животната средина - вели Чоловиќ.