Голема е важноста од вклучување на општините во одржливиот развој.
Различните искуства и позитивните примери на државите од регионот во областа на унапредување на еколошката отпорност на заедницата кон развојот ќе бидат презентирани во рамки на тридневната работилница што во организација на Регионалниот центар за животна средина за централна и источна Европа се одржува во Охрид.
Михалак Кирјо, проект-менаџер на Регионалната програма (CRESSIDA) што финансиски е поддржана од Агенцијата за животна средина на САД вели дека голема е важноста од вклучување на општините, но и градоначалниците во одржливиот развој.
- Пилот-проектите на општините вклучени во проектот ќе помогнат за регионално вмрежување и изнаоѓање заеднички применливи решенија за управување со сливовите и обезбедување на одржлив развој. Во тој контекс важно е да се подобрат капацитетите на општините, но и вклучување на други засегнати субјекти, особено бизнис заедниците - вели градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
Тој се надева дека собирот ќе придонесе за размена на искуства во управувањето со меѓународните речни сливови каков што е случајот со реките Дрим и Дрина.
- Потребата од заедничка заштита на Охридското Езеро кое вклучено во листата на УНЕСКО како светско природно наследство, е идентификувано пред дваесетина години, физибилити студијата е изработена во 1995, а во 1996 година е потпишан Меморандум за соработка меѓу министрите од Македонија и Албанија, задолжени за животната средина, појасни Бакрачески.
Собирот во Охрид ќе биде заокружен со заклучоци и препораки за унапредување на еколошката отпорност за одржлив развој.