Активисти за заштита на природата и граѓани бараат најстроги казни за двете лица што се фотографирале со уловен сури орел и ги објавиле фотографиите на фејсбук.
Македонското здружение за бувови ја презеде фотографијата и повика на акција да се најдат виновниците.
- Златен или сури орел кај нас во Македонија е веќе вистинска реткост, на прсти можат да се избројат македонските орли. Веројатно се сеќавате колку напори вложивме и вративме во природа повредени, отруени, заробени и запленети ретки видови кои според Законот за природата на Македонија би требалo да уживаат статус на заштитени со највисок степен на заштита. Згрозени и вознемирени од овие фотографии, ве молиме доколку ги препознаете овие „позери“, пријавете ги - повикаа од здружението.
Тие додавваат дека граѓаните би можеле да ги пријават кај нив, во полицијата, или во Инспекторатот за животна средина, во отсекот за природа, како и во Инспекторатот за шумарство и ловство.
- Пријавете и помогнете им на инспекторите да го решат овој случај. Верувајте, тоа функционира - порачаа од здружението.