Општината Делчево почна со изработка локален еколошки акциски план, кој се работи во соработка со Регионалниот центар за застапување, а целиот процес е финансиран од Владата.
Според Тони Стоименовски, советник од ЛЕР од Општина Делчево, проектот предвидува истражување на полето на животната средина.
- ЛЕАП е законска обврска на сите општини и се работи по методологија дадена од Министерството за животна средина, а во процесот се вклучени локалните заинтересирани страни, локални институции, НВО - организации и општината која треба да го донесе. Овој проект е појдовна точка за аплицирање на проекти за решавање проблеми од областа на животната средина - истакна Стоименовски.
Тој додаде дека целта е да се направи локална анализа до каде е животната средина во сите сегменти, водовод, канализација заштита од поплави.
- Планот треба да предвиди решавање и на инфраструктурни проблеми во наредните 4 години, квалитет на воздухот, водата, проблемите од биодиверзитетот. На локално ниво треба да работиме и на подигање на свеста на граѓаните за животната средина, бидејќи секое семејство може барем минимално да влијае на животната средина - рече Стоименовски.
Овој документ треба да се изработи до крајот на ноември, по што ќе се најде на усвојување од страна на општинскиот Совет.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS