Експерти од областа на енергетиката разменуваат искуства за енергетската стратегија на Балканот, термоелектраните, природниот гас, технологија на хидроелектрани и дигиталната опрема за управување на капацитети.
Енергетичарите средбата во Охрид ја искористија и за презентирање иновации во областа на енергетската ефикасност и заштита на животната средина, како и нови прелиминарни анализи околу идни потенцијални енергетски проекти што во наредниот период би се реализирале во Македонија.
- Енергетиката секако е клучниот двигател на економскиот раст на секоја држава, вклучувајќи ја и Република Македонија. АД „ЕЛЕМ“ продолжува да инвестира значителни средства во развојните проекти, како во проектите за обновлива енергија, така и во реконструкција и модернизација на постојните капацитети - вели Христијан Мицковски, генералниот директор на АД „ЕЛЕМ“ издвојувајќи ги втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, третата фаза од модернизацијата на РЕК „Битола“, медернизација на постоечките хидроелектрани, голем број проекти врзани за мали електрани итн.
Тој додаде дека се работи на изнаоѓање решенија за модернизација на ТЕЦ „Осломеј“ кај Кичево, потоа развојни проекти за геотехнички истражни работи за изнаоѓање ресурси за нови производствени капацитети.
- Завршија таквите геотехнички истражни зафати на потегот меѓу Пехчево и Делчево, каде „ЕЛЕМ“ заедно со стручните служби на терен дојдоа до исклучително добри резултати. Очекувам некаде на почетокот на ноември после изготвување на завршните елаборати да соопштиме една убава вест за потенцијалните рудни наоѓалишта што би резултирале со нов производствен капацитет во вид на термоелектрана - додаде тој.
Професорот Константин Димитров, забележа дека после подолг период Македонија бележи интензификација на активностите во областа на енергетиката, со изградбата на две електроцентрали, проектот со ветерните централи кај Богданци, како и големиот проект за гасификација.
- Енергетиката е сериозна, финансиски интензивна дејност која бара постојано и редовно инвестирање. Нашите проценки се дека внимание треба да се посвети на обновливи извори на енергија, со можност до 2050 година целосно производството на електрична енергија во земјата да биде од обновливи извори. Тоа секако бара издашни средства, консолидирање и групирање на интелектуалниот труд, отворање работни организации што би произведувале потребни елементи, но тоа значи и отворање нови зелени работни места, поширок бенифит за целото општество. Ние како експерти од сите области сме тука да дискутираме за такви теми, останува проценката на политичарите дали таквите анализи ќе бидат ставени во идни стратешки документи - вели Димитров.
На симпозиумот во Охрид, кое беше во организација на Здружението на енергетичарите на Македонија (ЗЕМАК) учествуваа еминентни експерти од Бугарија, Босна и Херцеговина, Италија, Русија, Шведска.