Сопружници од Швајцарија, големи вљубеници во Охрид, од плажата Љубаништа заминаа со пет вреќи од 120 литри, полни со отпад.
Сакале да го искористат сончевото и топло време и да се релаксираат на охридското крајбрежје, на плажа кај Љубаништа. Но, кога стигнале затекнале плажа преполна со расфрлан отпад.
- Вашиот град и природата која го опкружува навистина е прекрасна. Не можеме да сфатиме како можат луѓето да ја уништуваат таа убавина фрлајќи отпад каде ќе стигнат. Затекнавме бројни пластични шишиња, остатоци од храна, дури и детски пелени. Два часа ја чистевме плажата, наполнавме пет вреќи, ги зедовме со нас и потоа на пат кон дома ги фрливме во контејнер. Остана уште отпад на плажата, но повеќе немавме место во автомобилот за да ставиме уште некоја вреќе - велат тие.
Тие сметаат дека проблемот со расфрланиот отпад насекаде, може ефикасно да биде решен по примерот на земјите во Европа- со чести контроли од страна на инспектори облечени во цивилна облека кои ќе патролираат по плажите и казнуваат, како и со поголема едукација во училиштата со цел подигнување на свеста уште од најмала возраст. а жал, и покрај бројните апели на екологистите и написи во медиумите, досега ниту е подигната еколошката свест на поединци, ниту пак се преземаат конкретни мерки за трајно решавање на овој проблем, од кој туристите секогаш се непријатно изненадени.