Главните ризици за пренесување на болеста јазлеста кожа кај говедата се поврзани со пренесувањето на вирусот со вектори кои се хранат со крв од живи инфицирани животни и можен директен контакт меѓу заразените и здравите животни, како и неконтолираното движење на животните.
Ова е еден од основните заклучоци од регионалната средба на министрите за земјоделство што се одржа во Софија, за справување со овој проблем.
Понатаму се вели дека нема доволно докази дека постои ниво на ризик кое укажува на други индиректни патишта за пренесување на болеста. Месото не се смета за значаен ризик за пренос, а ризикот од млекото кое не е наменето за исхрана на животните може да се ублажи со пастеризација и со транспорт во затворени садови. Постои поголема веројатност кожата да биде повеќе контаминирана со вирусот отколку месото.
Приоритетните активности за спречување на преносот се моментално убивање и безбедно уништување на заразени животни, вакцинација за да се намали ширењето и инфекцијата на сомнителните животни и контрола на движењето за да се избегне ширење на голема оддалеченост преку директен контакт. Здравите животни кои биле вакцинирани најмалку 28 дена претходно, носат занемарлив ризик за ширење.
Македонскиот министер Михаил Цветков ги информира присутните дека Република Македонија со појавата на јазлеста кожа кај добитокот се соочи пред пет месеци, кога болеста навлезе преку нашата источна граница. За многу кус период се прошири во речиси сите општини на државата и е регистрирана во над 1.500 одгледувалишта.
На конференцијата организирана од Министерството за земјоделство и храна на Република Бугарија во соработка со Европската комисија, присуствуваа делегации од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Македонија, Грција, Унгарија, Израел, Италија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Турција и од Украина, како и еврокомесарот за здравство и безбедност на храна, Витенис Андриукаитис.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS