Бегласките кампови на грчките острови се покриени со снег. Бегалците по островите водат битка за опстанок во снегот, во услови на поларни температури, без греење и во мизерни услови на живот.
Во кампот Морија на островот Лезбос снегот ги покрил шаторите на бегалците, а на островите Самос и Хиос десетици бегалци живеат на ладно и без греење.
Невладината организација „Лекари без граници“ и Високиот комесаријат на ОН за бегалци предупредуваат за нехуманите услови во камповите.
На островот Евбеја е прогласена вонредна состојба и таму снежната покривка достигнала два метра. Од саботата многу села на островот се отсечени од светот. Во некои населени места нема струја и вода.
Без струја повремено остануваат и други области во земјата, а сточарите бараат помош за да стигнат до шталите.
Нов студен бран донесе врнежи од снег во многу делови на Грција, додека островите Алонисос и Скопелос останаа без врска со копното затоа што фериботите не пловат.
Во многу делови од Грција училиштата денеска не работат поради обилните снежни врнежи, а метеоролозите предупредуваат дека лошите временски услови ќе продолжат до среда.
Се очекува од вечерва студениот бран да се прошири во североисточна Грција, Тракија, Халкидики, на северните егејски острови и Крит. Се предвидуваат и бури во морето.
Во северозападниот дел на земјата се очекуваат температури и до минус 16 степени Целзиусови, а утрово во оваа област беа измерени минус 13 степени.
Поради студениот бран, патувањето во многу делови од земјата е отежнато и на возачите им се препорачува да не тргнуваат на пат без зимска опрема, особено во северните области на Грција.