Србија доби зелено светло за без додатни услови да ги почне подготовките за отворање на поглавјето 27 од преговорите за членство во Европската унија, кое се однесува на животната средина. Станува збор за едно од најтешките поглавја во пристапниот процес.
На почетокот, Европската комисија и српската Влада ќе треба да ги достават своите преговарачки позиции. Србија ќе треба да претстави преглед на состојбите и планови за нивно усогласување со стандардите на ЕУ, додека ЕК ќе треба да ги постави условите за затворање на поглавјето. Србија планира првиот нацрт на преговарачката позиција да го заврши кон средината на 2017 година.
Поглавјето 27 е едно од најтешките бидејќи бара да се спроведат големи проекти како унапредување на преработката на отпадни води и подобрување на квалитетот на воздухот, па очекувано е Србија да добие мерила за отворање на поглавјето, односно задача да состави акциски план со конкретни активности за усогласување со ЕУ, вклучувајќи и рокови и финансиски план. Србија веќе има таков план, кој е изготвен во консултации со Европската комисија.
Бидејќи станува збор за мошне сложено поглавје, се препорачува неговото отворање да не се одолговлекува премногу, затоа што по отворањето Брисел подетално го следи исполнувањето на европските стандарди. Тоа, од друга страна, може позитивно да влијае на промените во животната средина, како што неодамна изјавил заменик-шефот на европската делегација во Србија, Оскар Бенедикт. Тој додал дека за да се затвори ова поглавје ќе биде потребно многу време.
Се очекува граѓаните да имаат голема корист од воведувањето европски стандарди во животната средина, бидејќи тоа ќе значи затворање на непрописните депонии, вложување во селекција и рециклажа на отпадот, подобрување на квалитетот на воздухот и подобро водоснабдување и третман на отпадните води.
Се проценува дека ќе биде потребно Србија да донесе околу 700 нови прописи и да вложи околу 10 милијарди евра за целосно да се приспособи на правилата на ЕУ. Затоа ова е една од ретките области каде што земјата може да очекува преодни рокови, односно можност во некои области целосното приспособување да се одложи за по зачленувањето во ЕУ.