Со проектот за забрзан раст на пазарот на биомаса во Србија, вреден 30 милиони долари, земјата ќе ги зголеми своите капацитети за користење на овој енергенс за добивање енергија.
Проектот бил спроведен од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со српските министерства за рударство и енергија и за земјоделство и заштита на животната средина, потоа Глобалниот фонд за животна средина и приватни инвеститори.
Според учесниците во проектот, биомасата од земјоделството и од шумарството се уште недоволно се користи во Србија, поради што има големи можности за инвестирање.
- Сега, кога законската регулатива е донесена, може да се развива бизнисот со биомаса во Србија -вели Ирена Војачкова-Солорано, локалниот координатор на УНДП Србија.
Со проектот се предвидува изградба на шест нови електрични централи на биомаса. Но со само 6,32 мегавати инсталирана моќност, тие се само дел од потенцијалот.
Според Милош Бањач, помошник-министер за рударство и енергија, Србија има неискористен потенцијал во биомасата што може да замени 2,2 милиони тони нафта.
- До пред извесно време Србија извезуваше 80 отсто од својата биомаса. Денес тој процент изнесува меѓу 65 и 70, и се надеваме дека и во иднина ќе се намалува, како што ќе се зголемува користењето на биомасата и инвестирањето во нови централи - вели Мирослав Милетиќ, потпретседател на Трговско-индустриската комора на Србија.