Најновиот извештај на Меѓународната унија за заштита на природата предупредува дека степенот на загревање на водените површини на Земјата влијае на однесувањето на морските видови, намалува подрачја за риболов и предизвикува ширење болести.
Порастот на температурата на океаните е „најголем предизвик на нашата генерација“ и тоа ја менува конституција на морските видови, намалува риболовни подрачја и почнуваат да се шират болести меѓу луѓето, се вели во досега најкомплетна анализа за загревање на океаните.
Океаните веќе апсорбирале огромни количества топлина поради зголемената емисија на штетни гасови, и тоа влијае на речиси сите морски видови, од микроби до китови, се додава во извештајот во чија подготовка учествувале 80 научници од 12 држави.
Значителни промени што се случуваат во океаните почнуваат да влијаат и врз човекот. Поради домино ефектот, многу важни сектори за човекот се под закана, како што се рибарски појаси, живот на крајбрежје, управување со ризик на брегови, здравје и крајбрежен туризам, се вели во извештајот.
- Вкупната слика за иднината е исклучително црна - вели Ден Лафоли, еден од главните автори на извештајот.
Површинскиот слој на океаните со дебелина од неколку метри, се загреал за 0,13 степени Целзиусови од почетокот на 20 век. Проценките се дека до крајот на 21 век температурата ќе се зголеми за уште еден до четири степени Целзиусови.
Океанот апсорбирал 90 отсто вишок топлина и ако тоа количество топлина „отишло“ во атмосферата, површината на Земјата во минатиот век би се загреала за неверојатни 36 степени, а не за еден степен.
Во извештајот се наведува дека затоплената вода може да ослободи милијарди тони смрзнат метан од морско дно и да ги испушти во атмосферата, со што би ја „вжештило“ земјината површина.
Глобалното затоплување веќе ги принудува морските видови да го менуваат своето однесување што предизвикува бегање на животните кон постудените предели околу половите.
Преместувањето на рибите ќе влијае врз животот на 4,3 милијарди луѓе, кои ги користат во исхраната. Со тоа, приходите од риболов во Југоисточна Азија може да се намалат за една третина до 2050 година, доколку емисиите на штетни гасови не се намалат.
Освен тоа, на човекот му се закануваат и болести кои лесно се шират поради се потоплите океани, како што се колера и труење со храна поради зголемен број бактерии во водата.Ќе се зголеми и бројот на разорни урагани поради зголемената енергија во океаните и атмосферата.
Во извештајот се препорачува проширување на заштитените океански подрачја како и намалување на емисиите на штетни гасови.
Најголемата опасност доаѓа од загревањето на океаните
Типографија
- Font Size
- Default
- Режим читање