Земјата е на пат повторно да го урне рекордот за најтоплата година, и натаму се движи побрзо отколку што се очекуваше, објави Светската метеоролошка организација.
Според организацијата, температурите измерени главно на северната хемисфера во првите шест месеци од годината, заедно со податоците за брзото топење на мразот на Арктикот и новите рекордни нивоа на јаглерод диоксид, укажуваат дека климатските промени се забрзуваат.
Јуни беше 14-от месец по ред со рекордна температура, поради што оваа агенција повикува на што побрзо спроведување на глобалниот договор за намалување на глобалното затоплување постигнат минатата година во Париз.
- Тоа што го видовме во првите шест месеци од 2016 година е доста загрижувачко. Планетата може да се затопли побрзо отколку што очекувавме, и за многу пократко време. Немаме толку време колку што мислевме - вели Дејвид Карсон, директор на Светската метеоролошка организација.
Просечната температура во првите шест месеци од 2016 година била за 1,3 Целзиусови степени повисока од таа во 19 век, пред индустриската ера, покажале податоците на НАСА.
Парискиот договор кој го потпишаа речиси 200 влади, предвидува глобалното затоплување да се ограничи на под 2 Целзиусови степени, а најамбициозниот план е да се постави плафон од 1,5 степени. Но тоа ниво е веќе речиси достигнато.
BLOG COMMENTS POWERED BY DISQUS