Малиот и ненаселен остров Хендерсон, во Јужниот Пацифик е прогласен за најзагаден со пластични отпадоци во целиот свет.
Заедничкото истражување, што го спроведоа група австралиски и британски научници и еколози, утврдиле дека на островот има по 671 парчиња разни отпадоци, а најмногу пластични, на секој квадратен метар, или вкупно 17 тони.
Во студијата се вели дека убавиот остров, со прекрасни плажи и бујно зеленило, на кој никој не живее, е „потонат“ во ѓубриштата на луѓето од светот, што научниците го означуваат како голем срам за човештвото.
Островот Хендерсон е дел од британската група острови Питкаирн. На него нема луѓе, но се претпоставува дека таму сега има околу 37,7 милиони парчиња секаков вид пластичен отпад.
Питкаирн е познат по тоа што се претпоставува дека најголемиот број од неговите малку жители се потомци на британските морнари кои по побуната на бродот „Баунти“ биле казнети да останат на овој одалечен остров, без можност кога било и како било да заминат од него.
Островот и сега е мошне ретко посетуван и до него ретко кој патува, освен бродови од Австралија кои еднаш во три месеци запираат да донесат прехранбени и други производи, како и пошта и весници.
Ненаселениот Хендерсон и целата група острови е оддалечена на околу пет илјади километри од бреговите на Чиле.
Тоните отпадоци потекнуваат од бродовите кои ги исфрлаат додека минуваат низ Пацификот, но и од луѓето, од земјите на Јужна Америка кои излегуваат на западниот пацифички брег.