Нафтените компании во Индија ги разгледуваат можностите да инвестираат во производството на литиум-јонски батерии, откако државата објави дека планира до 2030 година да се возат само електрични возила.
Владата одлучи по само 13 години сите автомобили, моторцикли и скутери да бидат електрични, што ги натера производителите на нафта да бараат начини како ги надоместат своите загуби на пазарот. Меѓу компаниите што вложуваат во истражувањата на нови батерии е и Индиската нафтена корпорација, која е најголема национална нафтена компанија во Азија и 18-та во светот. Ако истражувањата се успешни, компаниите може да инвестираат и во производството.
- Бараме остварливи и еколошки решенија за пазарот на електрични возила, и литиум-јонските батерии се интересна опција - вели НС Раман, главен истражувач во Индиската нафтена корпорација.
Според планот на Владата, со вложувањето на 2,2 милијарди долари од државни и од приватни инвестиции, бројот на електрични возила во Индија треба да се зголеми на шест до седум милиони до 2020 година, од 130 илјади регистрирани денес. Една од целите е Индија повеќе самостојно да си ги задоволува потребите од енергија, и наместо да увезува нафта како сега, да извезува чисти транспортни технологии во Кина и во Европа.
Првата експериментална литиум-јонска батерија беше направена во Индија минатата година од Советот за научни индустриски истражувања.
- Индија сега увезува меѓу пет и шест милиони литиум-јонски батерии од Јапонија, Кина и од Јужна Кореја секој месец. Овој пронајдок може да и помогне на земјата повеќе да се потпира на своето производство - вели С Гопукумар, водечки истражувач.