До 70 отсто треба да се зголеми уделот на отпадот за рециклирање во Европа до 2030 година.
Вака гласи предлогот од европалраментот, која ќе треба да преговара со Советот на министрите. Во моментов, овој удел во Европа е 44 отсто. Европратениците сакаат и уделот на отстранување на ѓубрето да се ограничи до 5 отсто заради негативното влијание врз животната средина. Исто така има предлог отпадот од храна да се намали за половина, или со 50 отсто.
Според статистиката за 2014 година 44 отсто од општинскиот отпад во ЕУ се рециклира, а до 2020 година во земјите од ЕУ треба да се рециклира над 50 отсто од отпадот.
- Парламентот покажа со многу големо мнозинство дека верува во транзицијата кон кружна економија. Решивме да ги вратиме амбициозните цели за рециклирање и депонирање во склад со првичниот предлог на комисијата од 2014 година - изјави европратеникот Симона Бонафе.
До 2030 година најмалку 70 отсто од тежината на домашниот отпад и од малите претпријатија треба да бидат рециклирани или подготвени за рециклирање односно проверени и исчистени.
За материјали за пакување како хартија и картон, пластика, стакло, метал и дрво европратениците нудат процентот на рециклирање да достигне 80 отсто до 2030 година.
Отпадот од храна во ЕУ се проценува на околу 89 милиони тони или 180 килограми по човек годишно. Европратениците препорачуваат овој отпад да се намали за 30 отсто до 2025 година и со 50 отсто до 2030 година во споредба со 2014 година.
Иако управувањето со отпадот во ЕУ е значително подобрено во последните децении, речиси една третина од општинското ѓубре се уште се депонира, а помалку од половина се рециклира.
Подобрувањето на управувањето ќе има позитивно влијание врз животната средина, климата, здравјето на луѓето и економијата.