Заради борбените дејствија во долината Вади Барада, од 22 декември приближно 5,5 милиони жители на Дамаск и околнината се отсечени од централниот водоводен систем.
- Во долината се наоѓаат водните извори од кои се обезбедува 70 отсто од водата за пиење што и е неопходна на сириската престолнина - изјави заменик порпаролот на ОН, Фархан Хак.
Според него, водата за пиење во градот е поскапена шест до 10 пати, а нејзиниот недостиг може да доведе до епидемии.
Според податоците на ОН, властите во Дамаск прогласиле вонредна состојба за да го обезбедат минималното неопходно количество вода за населението. Камиони цистерни испорачуваат вода за училиштата, болниците, пекарниците и некои региони од престолнината.
Со напорите на ОН во регионот на Дамаск се обновени и опремени 120 извори, што ќе задоволат приближно една третина од потребите на градот.
- Од 22 декември овие бунари се единствените извори на вода во цел Дамаск - изјави претставник на светската организација.
Според него, ОН на локалните власти им испорачале техника за проверка на чистотата на водата, генератори и гориво, за да ја осигури работата на пумпите.
Главен извор на вода за Дамаск е Аин ел Фиџи во блиската долина Вади Барада. Во декември, меѓутоа, бунтовниците го кренаа во воздух магистралниот цевковод и го саботираа водоснабдувањето на Дамаск. Во последните неколку недели, сириските војници преземаат акции за враќање на контролата врз изворите на вода.