Набљудувачи на китови во заливот Монтереј близу брегот на Калифорнија успеале да снимат кит како фаќа и јаде ајкула во Тихи Океан.
Откако добил информација каде се забележани китови-убијци, екипажот на бродот Сиволф 2 веднаш се упатил на местото. Виделе шест китови до нив и уште шест малку подалеку. Слејтер Мур, фотограф што патувал со тимот, го вклучил својот дрон и почнал да снима. Токму кога требало да го врати леталото, видел мало бранување во инаку мирната вода. Кога ја насочил камерата натаму, видел дека еден кит држи ајкула во устата, која се уште мрда и се бори да се ослободи.
Веднаш до возразниот кит имало младенче, кое пливало близу до својата мајка. Наскоро и други китови се придружиле и си ја подавале ајкулата еден н друг.
- Бевме многу возбудени. Еден ја фати ајкулата, потоа ја подаде на другите - рекол Мур.
Видеото било поставено на социјалните мрежи, каде што било прегледано стотици илјади пати.
- Тоа е феноменална снимка. Не верувам дека некој досега снимил со дрон како кит јаде ајкула - рекла Дебора Џилс од организацијата Центар за истражување на китовите.
На истражувачите им било познато дека китовите-убијци што живеат подалеку од брегот се хранат со ајкули, но до тие сознанија дошле само од испитувањата на остатоци од животни што морето ги исфрлило, за кои, според трагите од забите било утврден дека биле нападнати од овие големи морски цицачи.